Законот за јазиците помина на Комисијата за политички систем

13.09.2017 | 11:42
Прочитано: 1006

Предлог законот за употреба на јазиците денеска беше поддржан од собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.

Пратеникот Антонио Милошоски рече дека законот вака како што е предложен води кон целосна двојазичност и федерализација на Република македонија.

Тој рече дека овој закон е неуставен и ќе ја зголеми недовербата меѓу Македонците и Албанците, а ќе доведе и до дискриминација кај помалите етнички заедници.

Според него, со донесувањето на овој закон ќе има глоби за судовите, обвинителствата, училиштата, универзитетите и кои било други установи кои нема да го спроведат.

Независниот пратеник Ферид Мухиќ од рече дека овој Предлог-закон е уставен и се базира на амандманот 5 од Уставот. Тој притоа потенцира дека ставот 2 од амандманот 5 од Уставот предвидува јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните исто така да е службен јазик.

Африм Гаши од БЕСА рече дека ставот на неговата партија е оти употребата на законот треба да се усвои со консензус.

„Да имаме заеднички заклучок од сите политички партии и ова прашање да се затвори еднаш и засекогаш“, рече Гаши, додавајќи дека решавањето на овој проблем е од државен интерес.

Според него, со употребата на албанскиот јазик како службен ќе се зајакне стабилноста на државата, ќе се зближат граѓаните и тоа ќе биде добро за целото општество.

Шпреса Хадри од ДУИ смета дека Предлог-законот е од исклучително значење затоа што станува збор за едно универзално право кое луѓето треба природно да го уживаат.

Зборувајќи за глобите во однос на не примената на јазикот, посочи дека тие не се за лица на кои не им е должност да го употребуваат, туку глобите се за институциите кои треба да обезбедат услови за примената на јазикот, а ако не ги исполнат тие услови тогаш следуваат глоби.

„Да не манипулираме со граѓаните и да не велиме дека во секоја градинка и во секој дел на Република Македонија каде нема Албанци треба да се употребува албанскиот јазик“, рече таа.

Предлог законот за употреба на јазиците е на дневен ред на денешната 15. седница на Собранието на Република Македонија.

Минатата недела поддршка за законското решение даде и собраниската Комисија за европски прашања.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.