Законот за јазиците за опозицијата неуставен, за власта ќе ги подобри меѓуетничките односи

13.11.2017 | 18:00
Прочитано: 834

По повеќе од два месеци на дневен ред во Собранието се врати законот за јазици. На пленарната седница, пратениците ги вкрстија аргументите, но во значително помирна атмосфера од пред распишувањето на локалните избори. Опозицијата настапи со иста реторика. Предлог-законот за ВМРО-ДПМНЕ е спротивен на Уставот и државните интереси.

„Имајќи ја в предвид изјавата на премиерот Заев во која вели дека ќе најде ново име за државата, јасно е дека оваа ненародна власт не ја интересира мислењето на граѓаните во однос на насионалните интереси.“ - вели Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ.

Соживотот и унапредувањето на човековите права, според пратениците од владеачкото мнозинство се од државен интерес. Тие тврдат дека токму тоа е целта на предлог законот.

„За држава во 21от век не треба да има национален интерес, туку државни и општествени интереси.“ - вели Никица Корубин од ЛДП.

Предлог законот е се уште во првата фаза од законодавната постапка, а според динамиката на работа, дел од пратениците очекуваат утре да биде ставен на гласање. Доколку предлогот биде поддржан, ќе помине во втора фаза од постапката, кога може да се поднесуват и амандмани. Од пратеничките групи на ВМРО- ДПМНЕ, без да прецизираат конкретно, најавија дека ќе достават амандмани, кои ќе се темелат на три столбови – усогласување на предлог законот со Уставот, спречување на дискриминација во однос на јазиците на другите етнички заедници, како и за прецизирање на кои подрачја албанскиот јазик ќе може да се користи како службен и во државните институции.

За потсетување, предлог законот предвидува во сите централни институции на државната власт, на ниво на Република Македонија, службен јазик, освен македонскиот да биде и јазикот кој го зборуваат 20% од населението, односно албанскиот јазик.



Христијан Баневски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.