Земјоделците револтирани најавуваат протести за вторник

21.04.2017 | 18:28
Прочитано: 10338
Земјоделците во вторник излегуваат на протести. Во знак на револт поради неисплатените субвенции најавуваат блокада на неколку патни правци во земјава. Не отстапуваат од барањето за средба со министерот за финансии Кирил Миноски од кого сакаат одговор зошто не им се исплаќаат парите.
 
„Пробиени се сите максимално рокови. Земјоделците го изгубија трпението, бидејќи сезоната е во тек и почвата не може да биде обработена“ - изјави Зоран Борисов, Здружение на оризопроизводители.
 
Дел од земјоделците кои беа гости во емисијата Отворено на телевизија 24, порачаа дека се заглавени во долгови и немаат повеќе трпение за чекање на парите.
 
„Бараме веднаш да ни ги исплатат субвенциите, зошто ние од тоа живееме. Ако тоа не се направи или си ја префрлаат топката, го повикувам трезорот да се отрезне и да не исплати“ - изјави Бедри Ајдари, земјоделец.
 
„Најголем проблем на земјоделците е што не се даваат субвенциите. Сега парите им се најпотребни“ - изјави Сали Алија, земјоделец.
 
Исплатата на субвенциите е стопирана речиси седум месеци. Првично проблем беше Изборниот законик, па директорските смени во Платежната агенција, а сега блокадата е во Министерството за финансии. Дел од економистите сметаат дека министерот Миноски треба да дозволи исплата на субвенциите оти тие се предвидени во Буџетот.
 
„Министерот во овој момент нема пречка да ги исплати субвенциите, зошто тие постојат во програмите, завршија изборите, немаме влада, но тоа е завршено.“ - изјави Предраг Трпевски, универзитетски професор.
 
Според информациите одговорните службеници во финансии и покрај позитивното мислење на антикорупциската комисија дека нема законска пречка за исплата, се двоумеле да стават потпис за исплата, поради стравување дека ќе сносат одговорност, оти антикорупциската комисија може да дава мислење, но не и да толкува закони.

Соња Јанковска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.